„Меѓународен сојуз“: Судот не прифати делови од политичка програма

by Fokus

Со изведување материјални докази предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз“, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

Судот, на почетокот на денешното рочиште, се произнесе по однос на доказните предлози на одбраната на Јасна Мандиќ Ерцеговиќ и Фросина Ременски.

За судот прифатливи се дел од материјалните докази на Јасна Ерцеговиќ, но доколку бидат обезбедени во законски предвидена форма, односно оригинална уплатница, а не фотокопија, како и предлогот да биде изведена комуникација на Ерцеговиќ преку електронска пошта.

Во однос на предложените докази од одбраната на Ременски, судот рече дека прифаќа да се прикажат дел од предложените веб страни од одредени министерства на владата, како и дел од останатите предложени материјални докази. Во однос на предложените докази од двд уред судот рече ќе може да се изведат, само доколку се достават и лозинките за уредот.

Судот, не прифати да бидат изведени делови од програма на политичка партија, укажувајќи дека не се однесуваат на кривично правниот настан и предметот на обвинението, како и предложените медиумски написи, за кои судот рече дека не може да бидат докази.

Поврзани новости