Mеѓународен договор за надомест на штетата со конфискација на рускиот имот, предлага Зеленски

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера предложи да се воспостави формален договор со сојузничките земји за обезбедување компензација од Русија за штетата што нејзините сили ја предизвикаа за време на војната.

Зеленски, кој вели дека Русија се обидува да уништи што е можно повеќе од инфраструктурата на Украина, кажа дека таквиот договор ќе покаже дека државите кои планираат агресивни дејствија ќе мора да платат за нивните потези.

-Ги повикуваме земјите партнери да потпишат мултилатерален договор и да создадат механизам што ќе гарантира дека секој што претрпел штета од руските дејствија може да добие компензација за сите направени загуби, рече Зеленски во редовното ноќно онлајн обраќање до граѓаните на Украина.

Според него, според таков договор со земјите потписнички рускиот имот и пари би биле конфискувани и насочени во посебен фонд за компензација.

-Тоа би било исправно. И Русија би ја почувствувала тежината на секоја ракета, секоја бомба, секоја граната што падна врз нас, рече Зеленски.

Поврзани новости