Меѓу женската популација во УО на СКСМ постои порадикален пристап во решавањето на работите

by Fokus

Новата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ е фокусирана на одлучноста и на радикалноста во носењето одлуки од жените вклучени во бизнисот и во коморското работење. Во оваа епизода претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, разговара со трите жени кои оставија печат во органите на коморското работење, а истовремено се на одговорни менаџерски функции во своите компании: м-р Ангелка Пеева-Лауренчиќ, директор и косопственик на „Имиџ ПР“ и на „Идеа плус 360“; м-р Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на „Макстил“ Скопје, и д-р Анита Блажевска, потпретседател на УО на Стопанската комора.

„Жените вклучени во коморското работење успеваат да ги извадат мажите и да ги коригираат со својата дисциплина затоа што имаат карактерни особини на прецизност, точност, дисциплинираност и на одговорност. Ние не сакаме да доцниме затоа што тоа не е само непристојно, туку и не сакаме да го трошиме времето на другите, па им помагаме и тие да го следат тој пример. Поради природата понекогаш сме и порадикални во носењето на одлуките“, истакна м-р Пеева-Лауренчиќ.

Ангелка Пеева-Лауренчиќ магистрирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на УКИМ Скопје, со звање магистер по комуникологија, а сега е докторанд на Правниот факултет при УКИМ Скопје, на докторските студии по односи со јавноста. Од 2006 година е директор на Агенцијата за комуникациски менаџмент и односи со јавноста „Имиџ ПР“ и професор на додипломски и постдипломски студии по односи со јавноста на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Во периодот 2002 – 2006 била пратеник во Собранието на Република Македонија. Покрај професионалниот ангажман, Ангелка членува во повеќе професионални асоцијации и тела: член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, член на Управниот одбор на „Хабитад Македонија“, член на IPRA – International Public Relation Association (Меѓународно здружение за односи со јавноста).

Директорката на „Макстил“ м-р Марија Дуковска-Павловска истакнува дека не е лесно да се биде жена во машка индустрија каква што е металургијата и дека мора да се работи на разбивање на стереотипите за машка VS женска професија.

„Не е лесно да се биде жена во машката индустрија. Ние како жени имаме различно видување од мажите. Не смееме да дозволиме да бидеме само бројка, пред сè, поради квалификациите што ги поседуваме, можностите, способностите и видувањата“, потенцираше м-р Дуковска-Павловска.

На прашањето зошто ја сака оваа професија таа вели: „Производството има посебна драж, особено е убаво, бидејќи веднаш се гледа резултатот од направеното, веднаш се гледа дека има одреден импут, веднаш ги гледате производот и резултатот од сопственото работење“.

М-р Дуковска-Павловска поседува богато менаџерско искуство во областа на финансиите и индустријата. Дипломирала бизнис-менаџмент на Економскиот факултет при УКИМ со дипломската теза „Двостепеност на контрола врз Управниот одбор“, а магистрирала на економски студии, претприемништво, на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осијек, Хрватска, со магистерскиот труд „Имплементирање на претприемачкиот дух во менаџментот“.

Својата кариера ја започнала во 2005 год. како експерт за подобрување на организациските и на финансиските перформанси на претпријатијата преку проектот на ЕБОР (2 години) и како координатор за човечки ресурси и за финансии за проекти во Југоисточна Европа во Институтот „Источен запад – НВО“ (2 години). Во 2016 година доаѓа на местото управен директор на „Кемет електроникс Македонија“ Скопје, а од февруари 2022 година е генерален директор на „Макстил“ АД Скопје и член на УО. Фокусот во нејзиното работење е врз минимизирањето на отпадот, односно да бидат компанија со нула отпад.

И д-р Анита Блажевска го дели истиот став со своите соговорнички – дека жените се посмели, поодлучни и порадикални во носењето одлуки и дека не смеат да бидат само бројка, затоа што на крај секогаш е битен производот што се испорачува. Според неа, членувањето во Комората ја инспирира да презема чекори за да ги подобри работите во интерес на бизнисот и на коморското работење.

„Жените нема да бидат само бројка во одлучувањето. Секогаш е битен и квалитетот на производот што се испорачува. Навистина е голема чест и привилегија што сум дел од УО, што работам одблиску со вас, со колегите од УО и со вработените во Комората и секогаш по седниците се чувствувам инспирирано да размислувам што може да се направи повеќе и како да се подобрат работите“, истакна д-р Блажевска.

Д-р Блажевска магистрирала на Универзитетот во Кембриџ на магистерската теза „Кои се детерминантите на нивото и природата на странските директни инвестиции во земји со среден приход – случајот на ’Џонсон контролс’ АД во Македонија“, а докторирала на Економскиот факултет при УКИМ на тезата „Одлив на капитал во форма на странски директни инвестиции од големите нови економии (Бразил, Русија, Индија и Кина) кон остатокот од светот – импликациите врз глобалниот економски поредок“.

Имала можност да види како функционираат двата сектора, и државниот и приватниот сектор, работејќи од 2009 година во Министерството за финансии на Македонија во делот за макроекономска политика, а од 2015 година до денес работи во „Филип Морис интернационал“ Скопје, прво како менаџер за надворешни работи, а потоа и како менаџер за фискални и за економски прашања за Блискиот Исток, Африка, Јужна и Југоисточна Азија и за ЗНД. Од јануари 2024 година е менаџер за фискални и за економски прашања за Југоисточна Европа.

Д-р Блажевска има активна улога во Комората во претставувањето на ставот на Комората и на компаниите членки пред Владата и пред другите засегнати страни (домашни и меѓународни). Има објавено повеќе од 10 трудови и статии во домашни и во меѓународни списанија. Добитник е на две награди за извршен директор (во 2016 и во 2022 година), што е највисоко признание за вработените во компанијата (прво за вработен од Северна Македонија), a во 2021 година е добитник на признание од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за извонредната работа и за придонесот во постигнувањето на стратешките цели на Комората.

Поврзани новости