Детската амбасада Меѓаши, по повод 21 септември – меѓународен ден на мирот, утре организира марш за мир кој ќе започне од спомен-куќата на Мајка Тереза во 13 часот.
„Одиме затоа што не сакаме да седиме. Одиме затоа што така сме повеќе заедно. Одиме затоа што сакаме да се радуваме едни со други. Не ве викаме на жалопојки и безнадежност, ве викаме да се придружите на милиони луѓе со кои заедно во недела ќе ја одбележиме нашата потреба за мир. А мир за нас е весело училиште во кое децата се одгледуваат да бидат одговорни и самостојни граѓани и граѓанки а не послушни потрошувачи, мир е за нас етничка различност како богатство, мир е кога не даваме добротворна помош на сиромашните туку работиме да нема сиромаштија. Слободни медиуми се мир за нас, одговорни и од граѓаните контролирани политичари, повеќе жени на одговорни позиции, сето тоа е мир за нас“, стои во соопштението на Меѓаши.