Медведев: Заврши надежта за подобри односи со САД

by fokus

„Заврши надежта дека ќе се поправат нашите односи со американската администрација“, напиша рускиот премиер, Димитриј Медведев на неговиот Фејсбук профил, откако првиот човек на САД, Доналд Трамп, го потпиша законот кој американскиот Конгрес го усвои со големо мнозинство за воведување санкции врз Русија, Иран и Северна Кореја.

Рускиот премиер Дмитри Медведев оцени дека САД со воведувањето на новите санкции и објавија трговска војна на Русија.

Според Белата куќа санкциите претставуваат строги мерки за казнување и одвраќање на лошото однесување на непријателските режими во Иран и Северна Кореја. Како што рекоа од таму Русија е казнета поради тоа што се меша во демократските процеси на САД

„Русија без оглед на санкциите, ќе продолжи да се развива, бидејќи во претходните години научила да напредува во услови на целосно затворени пазари“, возврати Медведев.

Американскиот Конгрес минатата седмица ги изгласа санкциите со кои што руската влада се казнува за вмешување во претседателските избори во 2016-та година, за анексијата на украинскиот полуостров Крим и други кршења на меѓународното право. Санкциите доаѓаат по информациите на американските разузнавачки служби според кои Русите се вмешале во претседателските избори во САД минатата година, хакирајќи ги серверите на Демократите и Хилари Клинтон.

Поврзани новости