Поранешниот руски претседател и актуелен висок безбедносен функционер Дмитриј Медведев изјави дека оние кои стојат зад нападот во московската концертна сала Крокус, во кој според последните информации беа убиени најмалку 137 лица, „ќе бидат убиени“, додека се повеќе руски официјални лица бараат враќање на смртната казна.
„Да ги убиеме? Треба“, напиша Медведев на Телеграм еден ден откако четворицата осомничени беа сместени во истражниот центар во Москва, пишува The Moscow Times.
Во нападот во петокот вечерта, кога четворица мажи отворија оган во салата Крокус, популарна концертна сала северозападно од центарот на Москва, беа повредени 182 лица.
Одговорноста за нападот, најсмртоносниот во Русија во последните две децении, ја презеде огранокот на Исламската држава ИСИС-К.
Медведев, кој се појави како еден од најжестоките застапници на војната во Украина, рече дека е „поважно да се убијат сите вклучени“ во нападот во салата „Крокус“, отколку само четворицата осомничени во притвор.
„Сите тие: и оние кои платија, и оние што го одобруваат, и оние кои помогнаа“, рече Медведев, кој е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
„Убијте ги сите“, нареди тој.
Во објава на англиски јазик на социјалната мрежа Х во неделата, Медведев вети дека ќе ја „одмазди секоја жртва на нападот на Крокус“.