Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска предупреди дека секој украински напад врз локациите од кои се лансирани руски ракети може да предизвика нуклеарен одговор од Москва.
Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, рече дека некои украински воени команданти размислуваат да ги таргетираат тие места во Русија со проектили со долг дострел, испорачани од Западот, пренесува Ројтерс.
Тој не ги именуваше командантите, ниту даде повеќе детали за наводниот план, а на неговата закана немаше никаква реакција од Украина.
„Што значи? Тоа значи само едно – тие ризикуваат да го оспорат ставот 19 од основите на руската државна политика во областа на нуклеарното одвраќање“, напиша Медведев на Телеграм.
Ставот 19 од руската нуклеарна доктрина од 2020 година ги поставува условите под кои рускиот претседател би размислувал за користење нуклеарно оружје, најмногу како одговор на напад со нуклеарно или друго оружје за масовно уништување.
Сепак, се однесува и на употребата на конвенционално оружје против Русија „доколку е загрозено нејзиното постоење“.