Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денеска по повод бунтот на паравоената организација „Вагнер“ изјави дека целиот свет ќе биде на работ на катастрофа доколку руското нуклеарно оружје „падне во рацете на бандити“.
Медведев изјави дека Русија нема да дозволи настаните да се одвиваат според сценарио кое ќе им овозможи, како што наведе, бандитите да дојдат до нуклеарно оружје, пренесе РИА Новости.
Тој истакна дека акциите на организаторите на бунтот се вклопуваат во шемата на добро испланиран и оркестриран државен удар и додаде дека го смета за веројатно учеството на „странски експерти“.
– Русија нема да дозволи бунтот „вагнер“ да се претвори во пуч или светска криза – нагласи Медведев.
Федералната служба за безбедност на Русија во петокот покрена постапка против шефот на приватната воена организација „Вагнер“ Евгениј Пригожин за наводен бунт.
Пригожин ги покани рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот генерал Валериј Герасимов да дојдат во Ростов на Дон на средба со него и се заканил дека, во спротивно, „ќе оди во Москва“.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека оние кои го организирале и планирале вооружениот бунт, кои носеле оружје против колегите војници, ја предале Русија и предупреди дека ќе одговараат за тоа.