Во Москва предупредија на „апокалипса“ доколку Западот продолжи да испраќа оружје во Украина за да ѝ помогне на земјата во нејзината борба против руските сили.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека ефектите од потенцијалната глобална нуклеарна катастрофа ќе траат со децении „додека урнатините не престанат да емитуваат радијација“ – повторувајќи ги неговите претходни закани за нуклеарна војна со сојузниците на Киев.
Апокалиптичната реторика на Медведев се смета за обид да се одврати воената алијанса на НАТО и западните сојузници на Киев уште повеќе да се вклучат во војната што трае една година, која на Москва ѝ донесе бројни неуспеси на бојното поле.
Неговите последни коментари следат по минатонеделното нуклеарно предупредување на Путин и неговите неделни забелешки во кои тој ја оквалификува конфронтацијата на Москва со Западот како егзистенцијална битка за опстанок на Русија и рускиот народ.
Киев и неговите сојузници во НАТО велат дека инвазијата е империјалистичко грабање земја и дека единствениот агресор во конфликтот е Русија, која постојано негираше дека планира воена акција во месеците и неделите пред 24 февруари 2022 година.
„Се разбира, пумпањето оружје може да продолжи… и да спречи каква било можност за обновување на преговорите“, рече Медведев, кој е заменик-претседател на моќниот совет за безбедност на Путин, во текст објавен во весникот „Известија“.
„Нашите непријатели го прават токму тоа, не сакајќи да сфатат дека нивните цели сигурно ќе доведат до целосно фијаско. Загуба за сите. Колапс. Апокалипса. Онаму каде што со векови заборавате на вашиот поранешен живот, додека урнатините не престанат да емитуваат радијација.’