Медведев дозволи употреба на нуклеарно оружје за заштита на Русија

by fokus

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, дозволи употреба на нуклеарно оружје за заштита на Русија и териториите кои таа ќе ги признае.

-Донбас и другите територии по референдумот и присоединувањето кон Русија ќе бидат значително зајакнати од вооружените сили на Руската Федерација, не само можноста за мобилизација, туку и секое руско оружје, вклучително и стратешкото нуклеарно оружје, може да се користи за нивна заштита, рече Медведев.

Од 23 до 27 септември ќе се одржат референдуми за приклучување кон Русија на украинските територии под руска контрола – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

-Русија објави дека не само мобилизациските способности можат да се користат за таква заштита, туку и секое руско оружје, вклучително и стратешко нуклеарно оружје и оружје засновано на нови принципи, напиша Медведев на својот канал на Телеграм.

Тој рече дека Западот мора да разбере дека „Русија го избра својот пат“.

-Западниот естаблишмент, сите граѓани на земјите на НАТО мора да разберат дека Русија го избра својот пат, нема враќање назад, рече тој.

Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди делумна мобилизација, а беше потврдено дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.

Путин, исто така, се закани дека ќе користи нуклеарно оружје, велејќи дека „тоа не е блеф“.

Поврзани новости