Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев се закани со нуклеарна војна доколку Русија биде поразена во Украина.
Во нова објава на платформата Телеграм, Медведев се осврна на средбата на највисоките воени претставници што ќе се одржи утре во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија. Тој рече дека средбата ќе се одржи откако лидерите на Светскиот економски форум во Давос вчера ја повториле мантрата дека „Русија мора да загуби за да постигне мир“.
„Никој од овие кутри луѓе не помислува да го извлече следниов елементарен заклучок од оваа ситуација: губењето на нуклеарна сила во конвенционална војна може да предизвика избувнување на нуклеарна војна. Нуклеарните сили не изгубија големи конфликти од кои зависи нивната судбина. Но, тоа треба да биде јасно на сите. Дури и на западен политичар кој задржува барем некоја трага од интелигенција“, напиша Медведев.