Со Правилникот за определување надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на претседателските избори 2019 година и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Ново село и Дебар, што беше усвоен на денешната седница на ДИК, по првпат се врши градација на надоместокот во зависност од неколку критериуми.
– Првпат со овој Правилник покрај градација на Општинските изборни комисии по бројот на избирачките одбори извршена е и градација на надоместокот на Избирачките одбори, бидејќи сите не се исти во својата работа, рече претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
Додаде дека во избирачките места каде што има помал број избирачи, ангажираните лица во изборниот процес немаат иста работа и обврска во текот на денот како оние кои што имаат 1.000 избирачи запишани во избирачкиот список.
На избирачки места каде има најмалку, односно до 100 запишани гласачи во избирачкиот список, според градацијата на претседателот на ИО му се определува надоместок од 5.200 денари за двата изборни круга, на неговиот заменик 4.200 денари, на член на ИО 3.200 денари, а на заменикот-член 3.200 денари, додека кај избирачките одбори каде има над 801 гласач на избирачкиот список, на претседателот на ИО му се определува надоместок во висина од 6.000 денари за двата круга, на неговиот заменик 5.000 денари, на член на ИО и нивните заменици по 4.000 денари.
-Во Правилникот е предвидено на ОИК и ИО кои го спроведоа гласањето за предвремените избори за градоначалници во трите општини да им се определи дополнителен надоместок во висина од 20 отсто од надоместокот определен за соодветниот изборен орган за спроведување на изборите и обврската за исплата на овој надоместок согласно Изборниот законик останува на локалните самоуправи, рече Деркоски.
На оние избирачки места каде што гласањето е поништено износот за членовите на овие избирачките одбори се намалува за 30 отсто.
ДИК предлага да се определи надоместокот за изборната администрација и лицата ангажирани во помошните тела врз основа на три критериуми: временски ангажмани, работните компетенции и работната успешност.
Според претседателот на ДИК, со овие критериуми ќе се определат различни надоместоци за секое ангажирано лице бидејќи, како што додаде „не смееме да прави порамнување на сите кои биле ангажирани во овој процес“.
– При определувањето на надоместоците се водеше сметка сите лица да добијат соодветно надоместок на својот ангажман, но се водеше сметка и за економичноста во користењето на средствата од државниот буџет, додаде Деркоски.
На седницата беше истакнато дека членовите на Државната изборна комисија донеле одлука да не земат награда, односно надомест за изборните ангажмани, освен нивната плата.
Единствено членот на ДИК, Борис Кондарко не гласаше за Правилникот, бидејќи според него, одредени делови, односно критериуми се недоволно и несразмерно регулирани за конкретни категории на лица, како што се стручната служба и подрачните одделенија во ДИК.
-Сметам дека во определување на висината на надоместокот треба да се води сметка за порационална примена на предвидените критериуми со цел за поскромно трошење на средствата, рече Кондарко и дополни дека за него се прифатливи критериумите за изборната администрација, за ОИК и ИО.
Деркоски информира дека медиумската кампања за претседателските избори и за вонредните избори за градоначалници чинеше околу 3.760.000 евра.
-По кандидати за двата дела на кампањата до ДИК се доставени извештаи од медиумите и тоа за кандидатот Гордана Силјановска 88 милиони денари, за Стево Пендаровски 80.960.000 денари и за Блерим Река 50 милиони и 500 илјади денари, или вкупно околу 291 милиони денари, рече Деркоски. Додаде дека за локалните избори доставени се извештаи во вкупен износ од 12.180.000 денари.
Деркоски информира дека најголеми корисници на овие средства се Сител ТВ со 10.5 милиони денари, Алсат ТВ со девет милиони денари, исто толку и Телма ТВ, Канал 5 со осиум милиони денари, 24 Вести 3.900.000 денари…
ДИК досега ја реализирала првата транша доставена од буџетот на државата во висина од 100 милиони денари, а во тек е обработката и исплата за средства за вториот дел од кампањата.
Од државниот буџет за за организација и спроведување на претседателските и вонредните локални зибори добиени се над 7,7 милиони евра, од кои 3,7 милиони за медиумска кампања.