Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска упати апел да не се фаворизираат медиуми при споделување информации поврзани со бројот на заразени од ковид-19.
„Поради појавата на непроверени и нецелосни информации поврзани со бројот на заболени од ковид-19 во државава, потсетуваме дека во ваква ситуација точното и навремено информирање на граѓаните е врвен приоритет и од суштинско значење за јавниот интерес. Воедно, забележана е практика надлежни здравствени институции да фаворизираат одредени медиуми и тие први да ги добиваат информациите поврзани со коронавирусот. Агенцијата повторно апелира надлежните органи да дистрибуираат целосни информации до сите медиуми, истовремено и на сите да им овозможат еднаков пристап до нив. Во спротивно, тие можат да станат потенцијален извор на дезинформации“, соопшти АВМУ.