Eдна милијарда евра годишно, толкава би била финансиската придобивка за државата од одгледувањето медицински канабис. Но, колку сме подготвени за ваков „проект“ што се вбројува меѓу најдоходовните во светот и дали ќе успееме да ги „претркаме“ Хрватска и Португалија, на пример, кои сериозно тропаат на европската врата како идни производители?
Според познавачите, оние што ја туркаат оваа иницијатива и што сакаат поскоро да се реализира, доволно е да располагаме со 100 хектари оранжерии, и тоа во околината на Прилеп, Крушево и Струмичко. Најповолни за медицинскиот канабис, велат, се регионите каде што има тутун и пипер. Таму би можел да се направи т.н. зелен град.
Стефан Поп Дучев, сопственик на компанијата „Ина енерго систем“, во разговор за МИА истакнува дека интерес и услови за одгледување постојат. Имаме и капацитет. Потребни се уште знаење и технологија.
– Ова не е производство на домати или краставици. Медицинскиот канабис е 10.000 пати поскап процес од раноградинарството. Профитабилноста е 400 отсто годишно. Тоа е сериоза сума, една од водечките во светот по доходовност. Но, за да се добие тој профит, многу е важно да вложиме во опрема и во знаење. Без тоа не можеме да добиеме ништо. Потенцијал, интерес и инвеститори има. Ни треба законска рамка, регулација и да научиме како, потенцира Поп Дучев.
Основно е, смета, да се појавиме на „мапата“ со производство. Компаративно сме добро географско подрачје и тоа за масовно одгледување, кое значи привлекување многу странски инвеститори.
– Ако набрзо не го отвориме целиот овој пакет, големите инвеститори кои ги очекуваме ќе отидат во други земји. Вложувањето не е мало, а е исклучително доходовно. Придобивките од тоа ќе ги почувствува целата држава. Повратот на инвестицијата секојпат се цени на два – три месеци, дополнува Поп Дучев.
Она што мора најбрзо да се направи, оценува, е либерализација на извозот на цвет од канабис и формирање три институции: агенција за канабис, национална лабораторија за канабис и институт за канабис.
– Очекуваме сериозна поддршка од Владата во смисла на законска регулатива и институционално комплетирање. Во моментов владее недодефинираност на квалитетот и квантитетот на медицинскиот канабис за да може како производ да се продава на светскиот пазар. Неопходно е докомплетирање на државните институции потребни за реално да се појавиме на светската мапа на произведувачи на медицински канабис и изнаоѓање компании или институт кој ќе изврши обука за техничките системи. Предуслов, секако, е и агрономското предзнаење за одгледување и добивање на овој производ, подвлекува Поп Дучев.
Од 2016 година, кога беше донесен Законот за либерализација на одгледувањето марихуана, досега нема посериозни поместувања во однос на добивање квалитетен производ што може да се продава. Дури сега, во 2019 година, може да се каже дека се чувствуваат некакви придвижувања.
Во дивите одгледувачи на марихуана Поп Дучев не гледа конкуренција, зашто медицинскиот канабис, објаснува, се одгледува само во строго контролирани услови.
– Секое одгледување настрана од овие услови значи производство на марихуана за црн пазар. Самото растение штом ќе почувствува несоодветни услови, модифицира кон марихуана. Тоа ние не го фаворизираме, дециден е соговорникот.
Неговата компанија сериозно загазува во бизнисот со медицински канабис. Освен инвестицијата во висока технологија, отвора и школа за мастер одгледување – за создавање стручен кадар.
– Има Предлог-закон што треба да го легализира извозот на цветот од марихуана, зашто на канадско-американскиот пазар веќе многу се бара. Го очекуваме најбрзо што може, зашто добар дел компании имаат производство на цвет што им стои на залиха во магацините и ќе мора брзо да се продаде. Во овој момент можеме да извеземе само масло. Има одредена количина масло, минимална, а многу е дискутабилен и квалитетот на цветот кој треба да се екстрахира во масло. Сепак, има некакво производство, дополнува Поп Дучев.
Употребата на медицинскиот канабис како лек е легализирана во многу земји. Меѓу водечките пазари се Британија и Германија. Во нашите аптеки, според Поп Дучев, може да се најде лек само на база на коноп. И ова е сегмент што со закон треба да се опфати.
Врвен призводител на масло од канабис засега е Израел, каде што се направени голем број клинички испитувања што го докажале лековитото својство на маслото. И Германија четири години работела на студија што покажува бенефиции од маслото.
Ние, вели Поп Дучев, засега имаме многу малку податоци за тоа колку масло произведуваме. Има 20-тина лиценцирани компании, од кои две или три се потенцијално подготовени да добијат одреден производ (кога ќе го докомплетираат знаењето).