Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за телевизија „Алсат“ потврдува дека имало случаи кога дел од здравствениот персонал пријавил лажни податоци за да искористат боледување.
-Има и такви случаи, за жал. Но, за среќа се ретки некој да избегне работна обврска, да се обиде дури и да исфингира и да даде грешни податоци за да добие боледување, што мислам не е коректно. Сите со голем ентузијазам се вклучија во помош на сите свои колеги во работата со пациентите со Ковид-19 , вели тој.
Филипче посочува дека користењето на летните одмори од страна на здравствениот персонал нема да влијае на третманот на лицата заразени со Ковид 19.
Според него, одморите се организираат врз основа на прелиминарен план со кој ќе се обезбеди да има доволно персонал во секоја болница каде се лекуваат лицата со коронавирус.
-Апсолутно сите пожртвувано работе изминатите 4 месеци, одморот мора да го земат, затоа што мислам дека уште поинтензивна работа ќе следи во есенските месеци. Мора да кажам дека има и многу позитивни искуства, многу колеги најавија дека нема сега да го земаат годишниот одмор, мислам дека е сосем коректно, многу професионално се поставија здравствените работници како и со справување со кризата, така и по ова прашања. Така што, проблем по однос на ова прашање воопшто немаме, вели Филипче.
Инаку, вкупниот број на заболени од Ковид-19 во земјава денеска надмина 10 000. Со денешните 152 нови случаи, вкупниот број на дијагностицирани лица со коронавирус е 10.086 лица, од кои во моментов активни се 4.199. Бројот на оздравени пациенти е 5 427, a на починати е 460.