Медицински екипи не можеле да стигнат во Галичник, болен старец со хеликоптер беше однесен во Скопје!

by fokus

Поради големите снежни наноси во Галичник, медицинските екипи не биле во можност да пристигнат и да му пружат помош на старецот Павле, по што била организирана акција во која бил вклучен хеликоптер на МВР и припадници на специјалните единици.

Акцијата била успешно изведена, а Павле бил пренесен во Скопје и хоспитализиран на клиника.

Од Месната заедница јавно се заблагодарија до Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, до МВР и до САЕ Тигар, но истовремено порачаа дека е неопходно отворање на зимски пат до Галичник преку село Јанче, со делница од само пет километри, бидејќи тоа ќе ја чини државата помалку отколку да се прават вакви ризични и итни интервенции.

-Во невозможност медицински екипи да пристигнат во Галичник поради големи снежни наноси, извлекувањето е направено со имобилизација и повлекување од воздух. Дедо Павле безбедно пристигна во Скопје, згрижен е во Болницата 8ми Септември и му посакуваме брзо закрепнување!

Месната заедница Галичник, сака да потенцира и укаже до сите надлежни институции дека отвoрањето на зимски пат до Галичник, преку село Јанче, Општина Маврово Ростуше, е неопходност.
Силно апелираме до надлежните институции, во прв ред Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски оваа делница од само 5 километри да се отвори.

Истовремено потсетуваме дека постојниот пат Маврово – Галичник е во категорија регионални патишта за кои е задолжително зимско одржување. Поради географската положба и ориентација, свесни сме дека одржувањето е невозможно во зимски услови. Меѓутоа, токму затоа е потребно да се овозможи алтернативен пристап од јужната страна, отворајќи пат од селото Јанче – делница од само 5 километри! Убедени сме дека тоа државата ќе ја чини помалку отколку вакви инцидентни и итни интервенции кои се тешки и ризични-порачаа од МЗ Галичник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости