„Законот за бранители е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане“.
Ова во интервју за Радио Слободна Европа го изјави првиот вицепремиер Изет Меџити како одговор на прашањето дали од коалицијата ВРЕДИ разговарале по ова прашање со премиерот Христијан Мицкоски.
Меџити вели дека политиката на СДСМ и ДУИ оди во функција на дестабилизација на државата.
– Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат – тврди Меџити.
Тој во интервјуто напомена и дека „во вторник ќе се укинат дел од онлајн казината“.
– На наредната седница се очекува да се укинат онлајн казината, дадени на незаконски начин со што ќе ги повлечеме казината од нашите деца од нашите домови – вели Меџити за РСЕ.