Поранешниот висок функционер на ДУИ Изет Меџити, кој по несогласувањата со партиското раководство на чело со Али Ахмети ја формираше опозициската Демократско движење, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека неговата поранешна партија се претворила во мафијашки клан, кој, како што истакнува, владее и со казино-бизнисот. Притоа, тој открива дека овој бизнис го развиваат Австриец и Израелец, кои воедно го работат и ПР-от на „интегративците“.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Ги завршивте ли сите процедури и формалности околу новата партија?
МЕЏИТИ: Да, имаше некои опструкции во текот на процедурите, но ги надминавме. Дадовме напори и го регистриравме субјектот со сите придружни елементи. Државјанствата мора да бидат нови, инспекции по нотарите… Очекувано беше и тоа, гледаме секојдневно како дејствуваат. Сепак, процедурата е завршена и Демократското движење е правен субјект со печат, сметка…
ФОКУС: Ако е познато дека вие ќе бидете лидер, кои луѓе ќе бидат ваши најблиски соработници?
МЕЏИТИ: Во нашиот Статут има некои новини. Прво, има одредба што дозволува да има фракции, бидејќи тоа беше една од причините поради кои бевме исклучени од поранешната партија ДУИ.
Второ, имаме и нов систем на организирање. Од 90-тите години, структуралното организирање останало од времето на ПДП. Во минатото поинаку се именуваа подограноци и ограноци, сега имаме друга идеја. Ќе имаме координатор за секое избирачко место, за секоја изборна единица и на ниво на изборни зони. Тие координатори ќе бидат членови на Собранието на огранокот и членови на идниот Конгрес, така што секој ќе знае зошто е дојден и што претставува.
Зошто сѐ уште нема избрано потпретседател и други тела, освен основачко собрание и претседател? Прво, тоа е поради механизам на одбрана, бидејќи се соочуваме со голем притисок и фокусот на ДУИ е кон нас, ги употребуваат сите начини и мерки да присвојат некој член. И второ, сакаме да се воведе механизмот на меритократија, па кој како ќе се покаже со работа, идеи, дејствување, така ќе заземе место.
ФОКУС: Како ќе се профилирате од идеолошки аспект?
МЕЏИТИ: Центар накај десно. Во тек е основање на политичкиот институт „Хасан Приштина“ во рамки на ДД, кој ќе работи на идеолошката ориентација, политичката линија, идеите, структурирање…
ФОКУС: Долги години бевте во ДУИ, која, пак, важи за лева партија.
МЕЏИТИ: ДУИ беше тематска партија, никогаш не се определи лево или десно. Ги нарекуваа лева партија поради политичкото потекло на првите луѓе на ДУИ, кои беа блиски идеолошки до Енвер Хоџа и до поранешниот систем. Но, ДУИ беше склоп на левичари и десничари, интелектуалци… Беше флексибилно зависно од тоа со кој партнер ДУИ и Али Ахмети се во влада. Тоа се гледаше и во програмата, каде што имаше и контрадикторности.
ФОКУС: Откако ДУИ ги доби последните избори со кампања за Албанец-премиер, потоа отиде во една друга насока, ребрендирајќи се во зелена партија. Како гледате на тоа?
МЕЏИТИ: Тогаш уште бев внатре, но тоа беше неочекувано, само од ПР аспект. За жал, главната задача и цел на ПР-агенцијата што работи за ДУИ е казино-бизнисот. Го изгубија тој бизнис во Албанија и Косово. Зборувам за Австриецот Питер и еден Израелец. Ним не им е грижа многу за идеологијата.
ФОКУС: Како се поврзани двете работи – ПР услугите за ДУИ и бизнисот со игри на среќа?
МЕЏИТИ: Ова им е параван, демек се занимаваат со ПР-от на партија, додека всушност 90 отсто од времето го губат на развој на казино-бизнисот. Тоа што го имаат изгубено во Косово и Албанија сакаат да го донесат тука, и во тоа се успешни.
ФОКУС: Имаат свое казино или…?
МЕЏИТИ: Имаат! Тоа им е главен бизнис, но одвреме-навреме испаѓаат со неочекувани идеи.
Замислете, излегува Ахмети да промовира зелена агенда по 20 години, а министерот за екологија не беше присутен на конференцијата?! И како се најави, така заврши. Нема ништо од зелената агенда, бидејќи гледаме дека зборуваат за зелена агенда, а продаваат мазут.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.