„Едно од нашите предизборни ветувања беше дека ќе ги преземеме сите неопходни чекори за третирање на една од нај негативните општествени појави – коцкањето. ВЛЕН има план за справување со штетните последици од коцкањето и истиот почна да се спроведува. Онака како што ветивме. Првиот чекор од овој план е тргнувањето на коцката од домовите“ рече денеска Изет Меџити, лидер на Демократско движење, дел од коалицијата ВРЕДИ.
Според него, „благодарение на погрешните, неодговорни и коруптивни одлуки на министрите на ДУИ, преку отворање на три нови компании за организирање на интернет игри на среќа, коцкањето преку мобилните уреди и компјутерите влезе во домовите и младината стана уште полесна цел на крајно девијантни појави“.
„Поднесовме Барање за автентично толкување на член 7 од Законот за игри на среќа и за забавните игри за да добиеме прецизно толкување дали одлуката на претходната Влада и раководството на Државна лотарија за интернет коцкање има законски основ. Автентичното толкување е изгласано од мнозинството пратеници и со него се предвидува дека интернет игри на среќа може да се организираат само врз основа на важечка лиценца. Земајќи предвид дека сите компании кои во времето на Артан Груби и Прпарим Бајрами учествуваа на јавен повик и беа избрани да организираат интернет коцкање немаат лиценци, тоа значи веднаш и без одлагање ја тргнуваме коцката како општествено зло од домовите на нашите граѓани“ посочи Меџити.
Рече дека „следната точка од планот за справување со штетните последици од коцкањето е покренување соодветни правосудни постапки за докажување на злоупотреби на службена положба и овластувања на сите надлежни кои учествувале во донесување на незаконити одлуки поврзани со организирање различни видови игри на среќа“.
„Во разумен рок Владата ќе му предложи на Собранието нов закон за игри на среќа и забавни игри, кој ќе содржи низа одредби со кои сме сигурни дека бројот на постоечки објекти за коцкање ќе се намали минимум за половина“ потенцираше Меџити.