Меџити: Влезот на Алијанса е за спас на Груби, a не за спас од избори!

Фронтменот на „огнената група“ Изет Меџити за „Фокус“ открива дека имал средба и со премиерот Димитар Ковачевски, кому му рекол дека тие се најсигурни во поддршката на стратешките ориентации на владата.

by Фокус

Пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити, кој се смета за еден од фронтмените на таканаречената огнена група, смета дека не држи тезата дека неопходен е влез на се уште опозициската Алијанса за Албанците на Арбен Таравари во власта за да нема предвремени парламентарни избори.

Според него, избори пред редовниот термин нема да има ниту без Алијанса во владата, бидејќи, како што истакнува, никој од парламентарното мнозинство не планира да ги предизвика и на тој начин да ги загрози стратешките процеси.

Меџити тврди дека тој и другите двајца пратеници што се дел од „огнената група“ всушност се најсигурни во поддршката на стратешки битните ориентации на владата, за што, како што открива во изјава за „Фокус“, го информирал и премиерот Димитар Ковачевски.

Ние ја спасивме оваа влада и ова што се случува во ДУИ е принципиелна внатрешна борба. Со дебата може да се стабилизира парламентарното мнозинство, а не да се загрози. Кога ние не доаѓаме во Собрание тоа е последица, а не е причина. Причината е Артан Груби – вели Меџити.

Тој вели дека иако неодамна се екипираа партиските органи, не се води суштинска дебата и нема отчет на владините министри на ДУИ, на чело со првиот вицепремиер Груби. Како што нагласува, со дискусија во ДУИ ќе се стабилизира мнозинството, додека со Алијанса не се решава проблемот.

Ако Алијанса влезе во владата, во најдобра варијанта сме на нула, бидејќи во таков случај се губат исто толку пратеници колку што ќе влезат. Плус, ќе се отворат внатрешни процеси и во други партии, вклучително и во Алијанса. На овој начин, со цел да се спаси Груби преку Алијанса, наместо да бркаме 80 може да загубиме мнозинство од 61 пратеник – порачува Меџити.

В.С.

Поврзани новости