Првиот Вицепремиер Изет Меџити изјави дека на денешната седница на Владата се донесе одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за он-лајн коцкарници издадени од Владата на ДУИ, а со тоа и запирање на он-лајн коцкањето во државата.
„Ги стопиравме штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделија на српски фирми, црногорски и други. Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште. Ветувањето пред изборите, денес станува реалност.
Остануваме луѓе од збор. Нема да дозволиме личното богатење на поединци од претходната Влада да биде причина за илјадници осиромашени семејства на наши сограѓани.
Наш врвен приоритет е да ги заштитиме граѓаните. Посебно младите луѓе. Да ги заштитиме од долгови, банкрот, зависност од коцкање, последователно да ги заштитиме од социјални и фамилијарни потешкотии, да ги заштитиме од судир со законот и нелегални активности кои секогаш се последица на коцкањето“ изјави Меџити.
Тој нагласи дека отсуството на јасна процедура, претходната Влада свесно ја користела за создавање на нови и нови компании за он-лајн и интернет коцкање.
„ Интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада, а штетата била на илјадници наши сограѓани. Ветивме дека ќе се бориме против ова зло, денес покажуваме на дело. Нема да запреме додека не создадеме услови за пристоен живот”, рече Меџити.