Министерот за здравство Фатмир Меџити за 17-годишното момче со аутизам кое се лекувало во болницата во Демир Хисар, а чии родители се пожалија дека било врзувано со синџири, рече дека „било поступувано според протоколи дадени од експерти од психијатрија кои дозволуваат повремено врзување“.
„Зборував со директорката на установата, детето е лекувано според сите предвидени протоколи во случај кога такво дете може да биде агресивно, за да не си наштети самиот себеси, а ни на другите пациенти околу него. Затоа според протоколите што ги даваат експертите од психијатрија, таков случај може да се врзува само на одредено време за добивање на терапија“, одговори денеска Меџити на новинарско прашање.
Мајката на момчето обвини дека нејзиниот син бил врзуван во болницата и поради тоа има рани на рацете и нозете.
И од Психијатриската болница во Демир Хисар изјавија дека пациентот е лекуван согласно медицина базирана на докази.