Изет Меџити, поранешниот градоначалник на скопската општина Чаир денеска изјави дека тој како претседател на чаирскиот огранок на партијата не е поканет на вечерашниот митинг во салата „Шабан Трстена“.
Меџити денеска заедно со актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу и скопската градоначланичка, Данела Арсовска, беше дел од официјалното започнување на изградбата на Мега паркот во Чаир. Во оваа прилика Меџити,кој е еден од предводниците на „огнената група“ во владејачката партија рече дека вечерашниот митинг му наликува повеќе на концерт.
„Ќе носат луѓе од Струга, Куманово, Липково, прават многу притисоци со списоци во администрацијата, со закани дека ќе им сменат работни места. Жално е да се види дека ДУИ сето ова месец дена го подготвуваат да направат реприза на тоа што ние го направивме со граѓани во Чаир. Мислам дека ова ќе биде порака до Ахмети, добро ќе беше да ги оставеше сами Артан и Бујар да видат која им е тежината во Чаир во нивната општина. Но ова е ситуацијата. Денеска слушнав дека и Ковачевски се занимава со митингот во Чаир, значи цела Влада“ рече Меџити.
Тој рече дека неме да соработува со новоназначениот партиски координатор на Чаир, актуелниот министер за надворешни работи – Бујар Османи.
„Човекот со што прво да се занимава – дали со ОБСЕ, дали со билатералните односи со Бугарија, со надворешни работи, портпарол на партијата, доктор, значи човекот е изгубен, не знае кај попрво и ова последново координатор со митинзи“ – рече Меџити.