Меџити: Тајмингот за апсење на Гури е избран за дефокусирање и притисок

by Fokus

Изет Меџити, лидерот на „Огнената група“ која излезе од ДУИ и ќе формира нова партија, изјави дека апсењето на Исмет Гури е дефокус и притисок. Тој ова го изјави на ТВ24.

„ Нема да навлезам во предметот, но тајмингот е избран за дефокусирање и притисок. Веќе не можам да го препознаам ДУИ. Стана симбиоза на тоа што беше режимот на Груевски и Тачи. Со разрешувањата и диференцирањата мислат дека ќе внесат страв и дека никој нема да го искаже своето мислење, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, рече Меџити.

Гури денеска е донесен во Основниот кривичен суд Скопје каде што ќе треба да се одлучи дали ќе му биде доделен притвор. Поранешниот заменик директор во дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје е еден од осомничените во истрагата која се води против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, за која соопштија утрово од Обвинителството, но истовремено кога беше разрешен беше член на „Огнената група“.

Од Обвинителството велат дека со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, осомничените го довеле во заблуда даночниот орган – УЈП и неосновано побарале и добиле враќање на ДДВ од околу 840.000 евра.

 

Поврзани новости