Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) присуствувал на стручниот онколошки колегиум, кој се одржува еднаш неделно, односно секоја среда во месецот.
Меџити со лекарите разговарал за воспоставениот систем на работа на Клиниката, начинот на контрола на терапијата, соодветна и навремена терапија за секој пациент, како и за механизмите за елеминирање на какви било злоупотреби со терапиите.
Клиниката за онкологија нов начин на работа има воведено од ноември лани, каде конзилиум од 12 раководителите на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои им е индицирана апликација на биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основa пациентот да прима одредена терапија, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму велат „на овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник коі се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на УКРО за секој лек постои `картица на артикл` кој ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек“.
Министерот апелирал за максимална посветеност на лекарите кон пациентите, со оглед на случувањата поврзани со Онкологија кои иако се случувале во минатото, сепак е оправдана грижата на пациентите и нивните семејства.