Заменик-претседателот на Владaта и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска доби новинарско прашање – да се произјасни за иредентистичките скандирања на Националната арена „Тодор Проевски“. Тој и самиот беше присутен на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах, на кој навивичката група „Балисти“ во еден момент започна, а остатокот од стадионот следеше со скандирање на пароли како „Илирида“.
Илирида е политички концепт кој подразбира создавање република која би ги опфатила местата во кои живеат етнички Албанци, нешто на што официјално Скопје гледа како на иредентизам, сецесионизам, па и закана за соживотот особено во етничко шареноликите средини.
Не е првпат „Балистите“ да скандираат слични пароли, но овојпат тоа се случи само неколку дена откако во Куманово, на кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Романија, дел од публиката пееше „За Шиптари гасна комора“ и други пароли упатени кон Албанците.
– Како Влада, ние ги осудивме сите што ќе посегнат по ксенофобија, по расизам. Имаше разлика. Во Куманово беа антиалбански настроени. Не ги оправдувам ни другите, но не беа антимакедонски настроени. Како и да е, ние повикуваме да се почитуваат различните вредности, да се почитуваме едни со други и да придонесеме едно со други да се надминат овие состојби, изјави денеска Меџити.
Во својот одговори, Меџити посочи и на „виновник“.
Епизодата на Арената „Тодор Проески“, сепак, не беше премиера туку епизода откако неколку дена претходно, но во Куманово, се скандираа антиалбански пароли. „За Шиптари гасна комора“ и слични пораки извикуваше дел од публиката на натпревар на кој присуствуваше лично премиерот Христијан Мицкоски.
Тој го осуди скандирањето, иако два дена подоцна. Кажа дека самиот не ги чул на натпреварот бидејќи станувало за мала група на луѓе.
Скандирањето во Куманово го осудија и власта и опозицијата во земјата, независно од етничкиот предзнак на партиите, па и на паролите. Реакции имаше и од Косово и од Албанија. Немаше толку многу реакции по скандирањето на Арената „Тодор Проески“.
И за двата настани јавното обвинителство отвори предмети. И во Куманово и во Скопје имаше по едно приведено лице поради обид за внесување на знаме со потпалувачки содржини. За во главниот град, знамето било со карта на Голема Албанија, која вклучува територии на Македонија. Во Куманово, неофицијално, знамето било со тематика поврзана со настаните од Диво Насеље. И за двата настани, полицијата и обивинителството споделија дека обезбедуваат видео-материјал и работат на идентификување на сторителите.
извор: 360степени.мк