Меџити се сретна со конгресменот Адерхолт: Партнерството со САД – Стратешки столб за Северна Македонија

by Fokus

Претседателот на Демократското движење и прв вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, оствари значајна средба со републиканскиот конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт.

На оваа пријателска средба, како што велат од партијата на Меџити, се разговарало за повеќе клучни прашања кои ги засегаат односите меѓу Северна Македонија и САД, со посебен акцент на зајакнувањето на стратешката соработка меѓу двете земји. Двете страни се согласиле дека продлабочувањето на овие односи треба да остане заеднички приоритет.

Првиот вицепремиер Меџити ја потврди непоколебливата заложба на Северна Македонија за европска интеграција, истакнувајќи дека земјата останува фактор на стабилност во регионот. Тој ја нагласи важноста на сојузништвото со САД како неопходна поддршка за развојот и безбедноста на земјата.

„САД се нашиот главен стратешки партнер и нивната континуирана поддршка останува гаранција за иднината на Северна Македонија. Ја цениме силната и натпартиска посветеност на Соединетите Држави во поддршката на нашиот евроатлантски пат“, истакна Меџити.

Конгресменот Адерхолт, од своја страна, ја потврди посветеноста на САД за зајакнување на партнерството со Северна Македонија и поддршката за нејзината интеграција во евроатлантските структури.

Поврзани новости