Меџити: Рано е да се збори за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

-Во принцип можам да подвлечам дека за албанската опозиција е многу битна политичката ориентација на македонските партии односно во новата Влада нема да влеземе по секоја цена, туку ќе бараме прво да се ориентираат кон интегративниот процес, уставните промени, затоа што цениме дека тоа е единствена алтернатива за граѓаните во Македонија, изјави Изет Меџити, претседател на Демократското движење во гостување на ТВ Сител.

На прашањето дали се против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ тој рече дека е рано за тоа да зборуваат и дека прво претендираат да се консолидираат, да победат во албанскиот блок, па потоа да бидат дел од новата влада.

Според него сега во албанскиот блок има опозиција, што ја претставуваат Демократското движење, Движењето Беса и Алтернатива.

– ДУИ веќе е длабоко навлезен во криминал, во казино бизнисот, секој ден се отвораат во нашите маала брзи кредити,  изјави Меџити.

Меџити рече дека власта зборува за европски интеграции и за европски вредности, но секојдневно има злоупотреба на европското знаме за амнестија на корупција и на криминал.

-Правната држава не функционира и секојдневно се руши угледот и довербата во правниот систем  И покрај тоа ние како Демократско движење и албанска опозиција, велиме дека приоритет се уставните промени, но секој ден се уверуваме дека оваа власт не работи на тој план, туку сака по секоја цена да си купат ден повеќе за владеење, корупција и за урување на правниот поредок, изјави Меџити.

 

 

Поврзани новости