Фатмир Меџити – македонскиот министерот за здравство попладнево во Собранието пред членовите на Анкетната комисија за случајот со Клиника за радиотерапија и онкологија порача ако има политичка одговорност, да се утврди чија е.
Тој упати порака до истражните органи.
– Верувам дека кривично-правната постапка за овој многу сензитивен случај ќе има брза, правична и праведна разрешница. Виновниците мора да се знаат со име и презиме. Единствено така ќе може да ја вртиме довербата на пациентите во здравствениот систем и да ги заштитиме професионалните здравствени работници од генерални обвинувања и понижувања, нагласи тој.
Меџити посочи дека ова не е првпат да почне истрага на Онкологија.
– Од претходните излагања на сведоци пред Анкетна комисија, од тоа што го објавија медиумите, дознаваме дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година. Се води судски спор и за случај од 2019 година. Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат и даде отказ од работа, изјави Меџити.
Според него, многу е важно да не се одолговлекува целиот процес и важно е час поскоро да се дознае дали и кој, како што рече, си поигрувал со животите на пациентите.
Меџити нагласи дека откако ја презел функцијата министер за здравство се залага да направи системски промени за да се спречат, како што рече, секакви злоупотреби и криминал во здравството. Пред да се дознае во јавноста за случајот со Онкологија, рече дека неколку месеци континуирано имал состаноци со новиот менаџмент на Клиниката. – Кога стапив на функција, го разрешив организацискиот директор на Клиниката, потсети Меџити.
Тој информира дека знаел оти на Клиниката постои КАТО-систем и како лекар невролог знае како се дијагностицираат тешки болести кај пациентите и како се препраќаат на Онкологија.
-Заедно со менаџерскиот тим на Онкологија зборувавме за контролните механизми на давање терапија на пациентите. Разменувавме мислења и ставови како да се надминат предизвиците со кои се соочува Клиниката. Промените во менаџментот се случија на Клиниката и овозможија секој пациент да ја добива препишаната терапија, согласно индикација, доза, типот на лекот, без никаква манипулација со лековите, појасни Меџити.
Меџити тврди дека на Онокологија има воспоставено контролен систем со кој се овозможува соодветна терапија да добива секој пациент.
-За КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија која се дава на пациентите, кои се лекуваат на Онкологија, неколку месеци пред овој случај да излезе во јавноста, се правеа финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапија. Со новиот ребаланс на Буџет обезбедивме враќање на КАТО-системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина, нагласи Меџити.