По повеќе од една деценија завршен е еден од најважните проекти во здравството во нашата земја, истакна министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити денес за време на отворањето на новиот објект, во ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, кој започна со работа.
– Нешто кое со години чекаше да се заврши, конечно од денес почнува со работа. Новата болница е современа опремена, според меѓународни стандарди и јас сум уверен дека новите услови за работа ќе придонесат за поголем ентузијазам и поголема енергија на медицинскиот и немедицински персонал во секојдневното работење – посочи Меџити.
Тој информираше дека капацитетот на новиот објект е 68 болнички кревети и дека таму се наоѓа одделот за лекување и рехабилитација за пациентите поради зависност од алкохолизам, како и дека таму ќе се згрижуваат пациенти на кои им е потребно продолжено лекување, рехабилитација и ресоцијализација на пациенти, со нарушено ментално здравје.
Еден дел од објектот е интерно одделение, наменето за третман на пациенти со ментални нарушувања и проблеми во соматското здравје.
– После 13 години, во новиот блок од Психијатриската болница ќе се примаат пациенти. Освен болничките соби објектот е опремен со сите потребни санитетски и други придружни простории за соодветно сместување и болничко секојдневие на пациентите – посочи Меџити.