Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска ја посетил службата за Итна медицинска помош во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, со цел да се информира за нејзината работа која е со зголемен обем поради високите температури кои ја зафатија земјава.
Меџити разговарал со здравствените работици кои се дел од оваа служба и кои се во прва линија кога станува збор за итни случаи на кои им е потребна здравствена заштита, интересирајќи се за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно на терен.
Во текот на средбата Меџити посочил дека службата за Итна медицинска помош игра клучна улога во обезбедувањето на навремена и соодветна здравствена заштита за пациентите и дека токму затоа Министерството за здравство работи на унапредување на нејзините капацитети.
Тој најави дека Министерството за здравство доставило барање до Владата на РСМ за набавка на нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, кои се планира да бидат распределени во целата држава со цел да се обезбеди уште поефикасна здравствена заштита за пациентите.