Да оставиме судот и обвинителството да ги расчистат случаите во Куманово, бидејќи се во интерес на општата безбедност, изјави денеска, првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, одговарајќи ан новинарски прашања во Липково, каде присуствуваше на акцијата на садење дрвца, како дел од проектот за пошумување на деградирано земјиште.
– Да оставиме тоа значи на органите коишто се занимаваат со тоа и на судство и обвинителство да ги расчистат тие случаи бидејќи се во интерес на општата безбедност и во интерес на граѓаните да се расчистат. Пораката е никој не е над законот, секој којшто ќе го прекрши законот, ќе се соочува, рече Меџити.
Полицијата соопшти дека е расчистен случајот со опожарените возила и објект во Куманово, сторителот, триесет и петгодишен кумановец Ф.А. е лишен од слобода на подрачје на Бит пазар по претходно добиени оперативни информации и координација на СВР Куманово со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје, полициски службеници од единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.А.(35) од Куманово. Тој се сомничи дека на 2 декември, годинава во Куманово опожарил три патнички моторни возила и еден деловен објект, соопшти СВР Куманово.Ф.А. бил приведен и задржан во полициска станица Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Еден од опожарените автомобили е во сопственост на обвинителот, Џелал Бајрами, а објектот фотокопирница е во сопственост на советникот од ДУИ, Фитор Јакупи.