Северна Македонија се соочува со сериозни влијанија на климатските промени и има потреба од големи инвестиции за заштита на луѓето и економијата, беше кажано на презентацијата на двата извештаи на Светска банка, одржана денеска во Скопје, едниот за климата, а другиот за јавните финансии, кои се однесуваат на климатските предизвици со кои се соочуваме како земја.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска при својот настап на конференцијата рече дека двата извештаи објавени денеска, за климата и јавните финансии, ќе бидат огромна помош во исполнувањето на амбициозните климатски цели на министерството што го води.
„Северна Македонија се соочува со големи предизвици, како што се поплави и екстремни временски настани, кои ја загрозуваат економијата и здравјето на населението, затоа, од витално значење е да се инвестира во силни политики и инфраструктура отпорни на климата. Работиме на Предлог-законот за климатско дејствување кој многу брзо ќе биде доставен за одобрување до Владата и ова е важен чекор кон ублажување на климатските влијанија и намалување на емисиите на стакленички гасови, рече Меџити.
Тој додаде дека ќе продолжи да работи за вклучување на климатските ризици во севкупниот економски развој на нашата земја, за да се обезбеди подобра иднина за идните генерации, а се заблагодари на Светската банка за сета поддршка што и ја дава на земјава.
Во новиот Извештај на Светската банка за климата и развојот на земјата се вели дека Северна Македонија треба да ја забрза својата енергетска транзиција за да постигне нето нула емисии до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија.
Разорните поплави и тешките временски настани, како што се поројните дождови и топлотните бранови, предизвикаа загуби од 667 милиони долари во изминатите 20 години, се вели во извештајот, додека климатските предизвици во Северна Македонија се зголемуваат.
„Природните опасности непропорционално ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми се погодени од суша и град поради несоодветно наводнување, градобијна заштита и осигурување“, рече Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Според извештајот, оддалечувањето од фосилните горива може да ја зајакне енергетската безбедност преку поттикнување пофлексибилен и модернизиран енергетски систем, додека оваа промена, исто така, веројатно ќе донесе значителни подобрувања во здравјето и долгорочните економски резултати, првенствено преку подобар квалитет на воздухот и намалување на долгорочните трошоци за работа на енергетскиот систем.