Меџити најавува предлог – закон за замена на „балансерот“

by Fokus

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџети најавува дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, што Уставниот суд денеска ја укина.

Евиденција или регистар за етничка припадност во јавната администрација, на нотар заверена етничка припадност на кандидатот при вработување, бонус бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата, се дел од предлозите кои „Вреди“ ќе ги понуди во нацрт-законот, вели Меџити за „Слободен печат“.

Првиот вицепремиер тврди дека заедно со владиниот партнер (ВМРО-ДПМНЕ) заеднички констатирале дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите за вработување во јавната администрација, но и за правичната застапеност.

-По одлуката на Уставен суд за ‘балансерот’, ‘Вреди’ веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали ‘балансер’ или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми и заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност. Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација, вели Меџити во изјавата за „Слободен печат“.

Според него, предлог-законот е веќе подготвен и треба да се најде на јавна расправа, а како што додава, тука треба да се внимава и да не се навлезе во приватниста на вработените.

„Се разгледува во рамките на јавната администрација да се воведе евиденција за етничката припадност, односно (кандидатите) да наведат од која етничка припадност се кога се вработувааат за да се спречат злоупотреби, со цел да не се повтори ситуацијата при вработување – да се изјасни, на пример, дека е Албанец, а потоа да си ја врати етничката припадност, на пример, Македонец. Но, тука треба да внимаваме да не навлеземе во приватноста на вработените. Има повеќе предлози, можно е вработените да поднесат изјава за етничката припадност заверена на нотар. Има систем кандидатите да се бодуваат и, на крај, ако за тоа место е предвидено да биде вработен Турчин, за него да има позитивна дискриминација и на освоените бодови да добие плус 10 и тој да биде примен“,објаснува првиот вицепремиер.

Меџити вели оти не се согласува со насоката на Уставниот суд дека на конкурсите за вработување во јавната администрација пресуден критериум треба да биде квалитетот и според него мора да се внимава и на правичната застапеност.

Според, првиот вицепремиер, ова би значело дека ако во некоја институција треба да се вработи Бошњак, тогаш треба да се избере најдобропласираниот припадник на оваа етничка заедница меѓу пријавените кандидати.

 

Поврзани новости