Министерството за здравство информира дека од месец ноември досега над 61.000 граѓани се вакцинирани против сезонски грип.
Со бесплатна вакцинација против ова заболување се опфатени следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
„Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност“, вели министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.
Потсетуваме дека заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница: https://vakcinacija.mk, a потоа преку смс порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.
Воедно, во центрите за јавно здравје низ државата се врши имунизација против сезонски грип со комерцијалните вакцини.