Интензивно работиме на унапредување на условите за пациентите на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, а како дел од овој процес е и враќањето во функција на КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата на пациентите, истакна денеска министерот за здравство Фатмир Меџити при денешната посета на УКРО.
„Би сакал да информирам дека пред неколку дена ги завршивме и последните стручни консултации со претставници на КАТО, пред објава на тендерот потребен за враќање во функција на овој систем. КАТО системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на буџетот, a со неговото ставање во функција ќе обезбедиме прецизно дозирање, безбедно чување на цитостатиците и долгорочна заштита од евентуални злоупотреби“- потенцираше Меџити.
Министерот за здравство во текот на посетата лично се увери и како се одвива процесот на инсталација на новиот акцелератор, кој согласно предвидената динамика во која се опфатени фазите на инсталација на системот, мерења, калибрации и моделирања на системот во употреба се очекува да се стави за околу три месеци.
„По инсталација на новиот акцелератор кој беше купен пред 7 години, на располагање оваа клиника ќе има 4 акцелератори кои ќе бидат наменети за потребите на пациентите со малигни болести. Важно е јавноста да знае дека во моментот на Клиниката за радиотерапија и онкологија има воспоставено нов систем на работа кој е поставен така што секој пациент ја добива соодветната терапија, согласно ажурирани клинички протоколи, упатства за дијагноза, третман и за следење на пациентите со верифицирана малигна болест.“- истакна Меџити.