Заменик-премиерот Изет Меџити во „Пик Подкаст“ на „Ора 24“ најави дека на 18 ноември ќе се одржи заедничка седница на владите на Северна Македонија и Косово во Приштина.
-На 18 ноември ќе има заедничка седница на владите на Северна Македонија и Косово во Приштина, со неколку теми. Првата тема ќе биде „One Stop Shop“ на граничните премини Блаце и Јажинце, која ќе го олесни движењето на граѓаните и стоките. Втората тема ќе биде енергетската соработка меѓу двете земји. Тема ќе биде и патот Тетово-Призрен, кој значително ќе го олесни сообраќајот во овој правец.
Меџити изјави и дека правичната и соодветната застапеност на Албанците е уставна категорија.
-Формиравме работна група од експерти и претставници на политичките партии во владата. Јас и Арбен Фетаи како заменик-премиер сме дел од оваа група. Имавме неколку состаноци, има предлози од другата страна, ги анализираме и веруваме дека наскоро ќе дојдеме до решение кое ќе ја зачува оваа уставна категорија и нема да и дозволи на Уставниот суд повторно да го поништи овој закон, изјави Меџити.
Како што гарантираше Меџити, политичкиот договор ќе важи за одржување на етничката застапеност при вработувањата.