Меџити: Матичните лекари за еден ден препишале над 1.000 лекови со реформата што ја воведовме

by Fokus

За еден ден матичните лекари препишале над 1.000 лекови кои се хронична терапија за пациентите, за петте болести за кои со реформата на Примарната заштита тие веќе нема да мора да одат на специјалист.

„Процесот на работа со пациентите на кои им се препишува хронична терапија воопшто не е сложен, јасните насоки напишани во клиничките патеки им ја олеснуваат работата на матичните лекари, така што имаме одличен старт на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од Мој Термин, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле препишани 1073 лекови. Со оваа реформска мерка, со која овозможивме терапијата која ја препишуваа специјалисти, сега да ја препишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, кој денес беше во посета на поликлиниката Јане Сандански во Скопје.

Тој во поликлиниката разговараше со дел од матичните лекари, како и со дел од пацеинтите.

„Со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар“, рече Меџити.

Тој објасни дека  предностите на оваа мерка се што пациените не се изложуваат на трошоци, тие терапијата за своето хронично заболување може да ја добијат кај својот матичен во местото каде живеат.

„Со оваа реформска мерка се зајакнува  улогата и важноста на матичните лекари во здравствениот систем. Со реформите во ПЗЗ се олеснува административниот товар, а исто така се намалува притисокот врз секундарното и терцијарното здравство“, изјави Меџити.

Поврзани новости