Милена Стевановиќ – екс директорката на Инфективна клиника не била разрешена, ниту пак и истекол мандатот, тврдеше министерот за здравство Фатмир Меџити.
Според него, единствена причина за смената на Стевановиќ е истечениот сертификат за странски јазици.
На нејзино место е назначен инфектологот Фадил Цана кој имал комплетна документација, а воедно е и сопартиец на Меџити од Алијанса за Албанците, објави тв Телма.
„Не е разрешена директорката, ниту пак и беше истечен мандатот, мислам дека е до април. Директорката сама си објавила конкурс за мандат и ние во министерството ја прегледувавме документацијата и утврдивме дека има истечен сертификат за јазици. Имаше двајца кандидати и ние го одбравме тој што беше со комплетна документација“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
Меѓудругото во CV-то на д-р Стевановиќ стои дека своите магистерски студии ги има подготвувано во Ројал Стејт Хоспитал Лондон и Челси Вестминстер Хоспитал Лондон , a една година била на специјализација, исто така во Англија.
Поседува сертификат за англиски јазик издаден од Кембриџ како најпризната квалификација за знаење на англиски јазик во светот, сертификат кој нема временски ограничувања.
Поради истекување на мандат во време на предизборен период, спроведени се конкурси во три здравствени установи за избор на четири директори, но само Стевановиќ не е повторно избрана поради јазичен сертификат.