Индустријата е важен столб за економски развој, но за жал, остава сериозни последици во животната средина. Загадувањето од големи индустриски инсталации го допира воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и земјата што не храни. Затоа, наша должност е да ги контролираме овие влијанија и да промовираме почисти и поодржливи практики“ истакна првиот заменик претстедател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, на денешната работилница за „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis-от во областа на индустриското загадување“.
Меџити нагласи дека Интегрираните еколошки дозволи се клучни за да се осигура дека секоја индустрија ќе ги почитува стандардите и ќе го намалува загадувањето. Од таа причина, според Меџити мора да се зајакнат процедурите за доделување на овие дозволи, за да се обезбеди подобра заштита на животната средина.
Проектот го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија (како земја корисник) и Центарот за меѓународно и европско економско право (CIEEL), Република Грција (како земја-членка партнер).
Во рамки на проектот се работи на зајакнување на националните и локалните административни капацитети во областа на индустриското загадување и тоа преку подобрување на интегрираните еколошки дозволи, кои треба да содржат услови поставени во согласност со начелата и одредбите на Директивата за индустриски емисии и Заклучоците за најдобрите достапни техники.
Во реализација на проектот земени се предвид неодамнешните предлози на Европската комисија за справување со загадувањето од големите индустриски инсталации. Овие предлози опфаќаат ревизија на Директивата за индустриски емисии и ревизија на Регулативата за Регистарот на испуштање и пренесување на загадувачки материи.
Во рамки на трите компоненти од проектот треба да се постигне усогласена правна рамка, подобрена процедура за Оцена на влијание врз животната средина за активностите на Директивата за индустриски емисии и подобрен процес на издавање дозволите за Интегрираното спречување и контрола на загадувањето.
Проектот го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија (како земја корисник) и Центарот за меѓународно и европско економско право (CIEEL), Република Грција (како земја-членка партнер). Започнат е на 1 март 2023 година и ќе трае 24 месеци.