Меџити и Касами ќе бидат претседател и копретседател на ВЛЕН, која наскоро ќе прерасне во партија!

Градоначалниците на Чаир и на Тетово, Изет Меџити и Биљал Касами, ќе бидат претседател и копретседател на ВЛЕН, која во следниот период се очекува да го заокружи процесот на трансформација од коалиција во политичка партија, неофицијално дознава „Фокус“. Од ВЛЕН велат дека веќе функционираат Централно раководство, медиа-центар и кадровска комисија, кои работат координирано и во заеднички интерес. Во однос на прашањето за претседател и лидерство, од таму посочуваат дека тоа ќе биде разгледано преку отворен дијалог и целосна соработка меѓу лидерите на партиите, со потребното внимание и без притисок на време.

by vlatko 10:35
10:35

Албанската владејачка коалиција ВЛЕН наскоро треба да го заокружи долгонајавуваниот процес на трансформација од коалиција во единствена политичка партија.

Според неофицијални информации на „Фокус“, внатрекоалициските дискусии и анализи засега одат во правец дека новата партија треба да има двајца претседатели, односно претседател и копретседател.

Иако се разгледуваше опцијата за еден лидер, како и моделите за ротирачки претседател и за колективно претседателство, сепак, најмногу аргументи имало за моделот со двајца претседатели, за што се земале во предвид и компаративни примери и искуства.

Како што велат високи партиски извори, претседател и копретседател на ВЛЕН треба да бидат првиот човек на Демократското движење и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и првиот човек на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами.

–Коалицијата е базирана на принципите на партнерство и не дозволуваме да не поделат дебати од типот кој повеќе тежи во коалицијата, но Меџити и Касами најмногу се издвојуваат според многу аспекти и логично е да бидат први луѓе на партијата – ни изјави функционер на ВЛЕН, кој доаѓа од БЕСА.

Инаку, Меџити и Касами важат за највлијателни индивидуалци во рамки на ВЛЕН, кои воедно имаат и најсилни структури на терен, со таа разлика што Меџити е доминантен во Скопје и скопскиот регион, а Касами во Тетово и тетовскиот регион.

За потсетување, Меџити не само што на локалните избори победи во матичната општина Чаир, што се сметаше за најважна битка во албанскиот блок, туку негов сопартиец победи и во Сарај, а ВЛЕН победи и во Арачиново.

Што се однесува до Касами, пак, тој победи во уште една исклучително важна општина за Албанците – Тетово, додека ВЛЕН победи и во тетовските рурални општини како Теарце, Желино и Боговиње.

Притоа, Меџити има посилна политичка тежина, меѓутоа Касами го прави битен фактот што е силен во тетовската област, која спаѓа во шестата изборна единица, од каде впрочем се влече поголема маса на гласови и се избирааат најголем број на пратеници-Албанци.

Поради сето тоа, сосема логичен развој на настаните е Меџити и Касами заедно да застанат на чело на ВЛЕН, која во себе интегрира уште неколку политички субјекти, фракции и авторитети.

Покрај ДД и БЕСА, во рамки на ВЛЕН е и Алтернатива на Зеќирија Ибраими (од Алтернатива доаѓа и собранискиот спикер Африм Гаши), како и фракцијата на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Фетаи, формирана по заминувањето на Арбен Таравари во опозиција.

Потоа, дел од ВЛЕН е и движењето Арбериа, составено од поранешни истакнати пратеници на ДПА, како Беким Фазлиу, Орхан Ибраими, Мерал Ферати и други. Патем, не треба да се заборави дека оваа коалиција/партија има поддршка од Албин Курти, чиј претставник во ВЛЕН е пратеникот Беким Ќоку.

Портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, во изјава за „Фокус“ вели дека постои одлична соработка меѓу четирите партии и претставникот на Движењето Самоопределување, која, според него, се темели на взаемна доверба, целосна и динамична координација, како и на заедничка политичка платформа која ја доби довербата на Албанците во неколку изборни циклуси.

„Во рамките на оваа соработка веќе функционираат Централно раководство, медиа-центар и кадровска комисија, кои работат координирано и во заеднички интерес. Овие структури го одразуваат високото ниво на организација и сериозност со кое ВЛЕН ја гради својата политичка основа за стабилно и долгорочно ангажирање – вели Сулејмани.

Во однос на прашањето за претседател и лидерство на ВЛЕН, тој посочува дека тоа ќе биде разгледано преку „отворен дијалог и целосна соработка меѓу лидерите на партиите, со цел конечната одлука да ја рефлектира единственоста и заедничкиот дух што ја карактеризира ВЛЕН, со потребното внимание и без притисок на време“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести