Министерот за здравство, Фатмир Меџити на денешниот брифинг со новинарите рече дека разрешениот директор на Кардиохирургија, професор д-р Сашко Јовев му е пријател и пред неколку дена пиеле кафе заедно, но и дека му понудил да му биде советник во кабинетот. Меџити рече дека разрешувањето на Јовев нема никаква политичка или друга заднина.
„Професорот ќе продолжи со работа како здравствен работник и ќе биде послободен од административни обврски, ќе има повеќе време за пациентите. Разрешувањето е во правец на подобрување на здравствените услуги“ – објасни Меџити.
Тој го повика д-р Јовев да му биде советник во Кабинетот, како национален координатор за кардиохирургија.
Министерот со став дека причина за разрешувањето на Јовев е нивното несогласување во врска со плаќањето на дежурствата во текот на 2022 година.
Адвокатот Мите Михајловски кој ја предводи групата од седум адвокати на доктор Сашо Јовев вчера пред медиумите го коментираше решението за разрешување на неговиот клиент.
„Решението е навистина навреда за здравиот разум на сите нас. Во него стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Само тоа е причината поради која се разрешува д-р Јовев. Вчера слушнавме на телевизија дека станува збор за којзнае какви злоупотреби, а повторувам дека единствената причина се дежурствата. Јас како правник поставувам прашање, како може една ваква клиника да нема дежурства, нормално дека не може да функционира, а единствена злоупотреба е доколку министерот на дал согласност. Од далеку се гледа дека нема никаква повреда, туку нешто друго е во заднина за ова разрешување“ – рече адвокатот Михајловски.
Тој најави тужба против министерот, затоа што нема никаков основ за разрешување на доктор Јовев.