Мнозинство од пратениците денеска во парламентот го изгласаа законот за преземање на таканаречените рамковни административци без работен ангажман, кои низ годините беа вработувани во Секретаријатот за Рамковен договор, неодамна трансформиран во Министерство за политички систем, каде на чело се наоѓа првиот вицепремиер Артан Груби.
Меѓутоа, овој закон предложен од Владата и претставуван од Груби, кој предвидува постапка и услови за префрлување на административците вработени според К5-Програмата во други институции, според собраниски извори, не добил поддршка од еден пратеник на ДУИ.
Станува збор за координаторот на пратеничката група и поранешен градоначалник на Чаир Изет Меџити, кој бил единствениот пратеник од редовите на „интегративците“ што за овој предлог-закон гласал воздржано.
Како што веќе објавивме, Меџити се противеше на именувањето на сопартијците Груби и Бујар Османи за членови на Владата, како и дека планира да поднесе предлог за интерпелација за двајцата сопартијци.
-Сега ниту потврдувам ниту негирам такво нешто. До завршување на првите 100 дена нема да се произнесам. Ќе зборувам по 100-те дена – изјави Меџити коментирајќи ги ваквите информации.
Инаку, стоте дена од формирањето на владата поминаа, а првата интерпелација ја најавува ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Никола Димитров, додека, како што велат од опозициската партија, втор на списокот е министерот за надворешни работи Османи.
В.С.