Првиот вицепремиер Изет Меџити одговори на обвинувањата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој пред неколку дена рече дека актуелната власт ги понижува Албанците и ја покани коалицијата ВЛЕН да излезе од владата.
Меџити ги отфрли овие изјави на Ахмети, велејќи дека Албанците од оваа влада си го добиваат својот дел.
„Албанците добиваат многу удел во буџетот на Република Северна Македонија. Значи, добиваат некаде околу 30 милиони евра само во оваа половина година, а тоа го добиваат и општините кои не се ВЛЕН, а се ДУИ. И да ги седнете без камери и искрено да разговарате, велат подобро ни било кога ДУИ е во опозиција отколку кога ДУИ била во Влада. Изненадени сме што немаме проекти толку колку што Владата обезбедува средства за реализација на конкретни проекти за граѓаните. Тоа е првпат една влада да не прави разлика како во минатото, кога Чаир и Тетово не добија ниту денар од буџетот на Македонија. Не држи констатацијата на г.Ахмети“, рече Меџити.