Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска се обрати на свечената академија „Денови на азбуката“ во организација на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците (ИКДНА).
Под покровителство на Меџити, како што информира МЖСПП, се организираат настани за одбележување на Денот на албанската азбука – 22 Ноември.
– Јазикот е основната одредница на албанската целина која ги преминува политичките и територијалните граници и која денес ја хомогенизира албанската нација како целина. За да живее или преживее еден народ, потребно е да се кодифицира или систематизира колективната меморија во организирана форма или, поедноставно, во писмени докази што го преживуваат времето. А за овие сведоштва да се зачуваат, да се организираат во мисли, литература, уметност, политички концепти и слично, мора да постои организиран хомогенизирачки елемент на националниот идентитет, а тоа е јазикот. А јазикот без азбука нема начин на изразување, нема глас, како да не постои, истакнал Меџити.
Нашата должност како интелектуалци, политичари, проучувачи и истражувачи, како што навел Меџити, останува да вложиме напори за зачувување на јазикот и нашиот културен идентитет.
– Во овој контекст, јазичните политики на институциите се од речиси егзистенцијално значење за заштита и негување на јазичниот идентитет на една етничка група, затоа, сакам јавно пред вас да изјавувам дека Владата на Северна Македонија е решена да гради такви институционални политики кои ќе ги почитуваат и негуваат јазичните разлики и ќе ги третираат како средства и додадени вредности на општеството. За да го докажеме тоа, ќе поддржуваме и стимулираме културно-уметнички настани, научни и академски проекти, кои ќе ја негуваат нашата различност како драгоцен квалитет на кој сите сме горди, изјавил Меџити.