Во прилог на забелешките на „огнената група“ од ДУИ, потпретседателот на партијата и пратеник во Парламентот, Изет Меџити ги посочи и резултатите од последната анкета на ИРИ според која, како што тврди, вицепремиерот Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи „имаат најслаби резултати“ и „за првпат рејтингот на албанската опозиција го надминува оној на ДУИ“.
Меџити истакна дека тоа е аларм да се обедини партијата и да се направат кадровски промени во клучните институции, посочувајќи дека т.н. „Огнена група“ нема дилема околу поддршката на стратешките определби на државата за членство во НАТО и интеграција во ЕУ, ниту во однос на лидерството на Али Ахмети, како и дека не е за предвремени парламентарни избори.
– Ја поддржуваме ориентацијата на Владата. Ова е принципиелна политичка војна внатре во партијата. Ќе ги искористиме сите демократски средства кои ни се на располагање и ќе излеземе победници. Oва ќе се рефлектира на поширокото ниво. Нема ништо лошо во ова. Цел владин состав потфрлува и треба да се сменат и да отстапат простор за нов свеж кадар, кој ќе се справи со предизвиците, рече Меџити, најавувајќи дека нивни следен чекор ќе биде „да се симнат во базата“ и врз основа на тоа ќе донесат заклучоци за наредните потези.