Првиот вицепремиер Изет Меџити во неговото гостување во „Само интервју“ во Канал 5, го критикуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за тоа што не го исполнил ветувањето за повлекување од политиката по членството на земјата во НАТО.
Меџити потсети дека Ахмети во 2015 година изјавил дека ќе се повлече од политичката сцена по завршувањето на овој процес, за да им остави простор на младите генерации да го продолжат процесот на интеграција на земјата во Европската унија.
„Тој најави дека ќе се повлече по членството во НАТО, но не го направи тоа. Тој требаше да се повлече во тој момент, што ќе било ценето и од оние што го поддржувале, а и од оние што го критикувале. Ќе беше поставен нов стандард во политиката. Но, тој продолжи да се занимава со политика, потрошујќи се сè повеќе,“ рече Меџити.
Неговата изјава доаѓа во време кога дебатата за лидерството и промените во рамките на ДУИ станува се пожестока, додека важни фигури во партијата започнуваат да бараат нов политички пристап.