Медарски: Пресудата од Стразбур за „Фокус -Мијалков“ ќе стане дел од домашниот правен поредок!

by fokus

Пресудата на Судот за човекови права во „Стрзбур“, со која се докажа дека „Фокус“, новинарот Владо Апостолов и уредничката Јадранка Костова, неправедно биле осудени за клевета и навреда на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, станува дел од домашниот правен поредок и судовите ќе мора да ја почитуваат. Ова за „Фокус“ го појаснува адвокатот Филип Медарски, кој ја поднесе апликацијата во Стразбур во име на новинарите.

-Одлуката е битна затоа што натаму ја дефинира слободата на изразување на новинарите при вршење на новинарската професија. Покрај другите стандарди кои Судот ги применува, битен е делот каде се осврнува на (не)одговорноста на новинарот за пренесена изјава, односно за цитирање на извор кој самиот е одговорен за вистинитоста на изнесеното. Доколку постои таква ситуација, пренесување на изнесено од познат извор, новинарот има лимитирана обврска за проверка на вистинитоста на изнесеното, односно за тоа одговара оној што сознанијата ги изнесува, а не новинарот. Клучната правна последица е тоа што одлуката станува дел од домашниот правен поредок и судовите ќе мора да ги имаат во предвид цитираните стандарди, кога ќе одлучуваат за предметите за клевета и навреда, ни изјави Медарски.

Она што го утврди судот во Стразбур, пред неколку години испушти да го увиди Уставниот суд.

-Како и во многу други постапки кои се однесуваа на слободата на изразување во тој период, Уставниот суд во тогашниот состав пропушти да утврди повреда и да спречи осуда на државата за прекршување на членот 10 од Конвенцијата во Стразбург, истакна Медарски.

Пресудата на Судот во Стразбур беше објавена вчера.

-Судот смета дека оспорените одлуки претставувале мешање во правото на апликантите на слобода на изразување. Случајот се однесува на жалбата на апликантите според член 10 од Конвенцијата, дека исходот од граѓанската постапка за клевета против нив го повредил нивното право на слобода на изразување, се наведува во одлуката на Судот, потенцирајќи дека бил повреден членот 10 од Конвенцијата.

Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија штета од над 9000 евра. Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков.

Тогаш и првостепениот суд и Апелација го осудија „Фокус“ и новинарите за сторена клевета и навреда.

ЗНМ реагираше дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта, додека изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари.

В.В.

 

 

Поврзани новости