Никако не може да подлежи на одговорност мислењето како интелектуален процес и заради тоа треба да се избегне негова употреба во дефиницијата, смета адвокатот Филип Медарски кој во изјава за Фокус го коментира новиот предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Министерството за правда под притисок на јавноста го тргна од текстот на законот делот којшто предвидуваше да може да се суди за негативно мислење, но во новиот предлог текст остана да може да се суди за омаловажувачко или понижувачко мислење коешто во членот е дообјаснето.
За него проблематична е формулацијата „мислење“ и вели дека иако согласно дефиницијата се одговара за надворешната манифестација, а не за мислењето, смета дека требало да се најде друг начин да се дефинира навредата.
Од друга страна пак смета дека за ова прашање непотребно се дигна многу прашина во јавноста, бидејќи во самата предложена одредба изразеното ”негативно мислење” било врзано со намерата да се наштети на нечива чест и углед. Ниту една од критиките за предложената одредба, кои јас ги видов, го немаше земено во предвид овој елемент на дефиницијата.
-Значи, не подлежи на одговорност за навреда било која надворешна манифестација на ”мислење”, туку исклучиво онаа, каде постои намера да се наштети на честа и угледот. Таквата намера се утврдува од поширокиот контекст на изјавата.
Оној кој би изразил омаложувачко или понижувачко ”мислење” во сериозна новинарска, политичка или друга општествена критика за прашање од јавен интерес, не би одговарал за навреда.
Изразено ”омаложувачко и понижувачко мислење” исклучиво со намера да се наштети на честа и угледот, согласно предложениот член, повлекува одговорност за навреда и доколку судовите правилно ја применуваат одредбата, мислам дека нема да има проблем, објаснува Медарски за Фокус.
Фокус ги побара измените коишто ги направило Министерството за правда и кои владата ги усвои и ги доставило како нов предлог текст во Собрание.
-Предлог текстот на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, што беше предмет на реакции од јавноста, во членот 6 став 1 стоеше: За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување или на дру начин ќе изрази омаловажувачко понижувачко или негативно мислење.
Овој предлог текст на Законот е повлечен од собрнаниска процедура и Владата достави нов предлог текст. Сега во членот 6 став 1 се вели: За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед, објаснуваат од Министерството за правда за Фокус.
Во колумна за неделникот Фокус, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковкски пишува дека со овие измени буквално пред суд ќе се одговара за мислење.
Целта на подготовката на овој закон беше драстично да се намалат казните за новинарите и уредниците за навреда и клевета.
Според актуелниот закон, новинар можеше да биде казнет за навреда и клевета со максимум 2 000 евра, 10 000 за уредникот и 15 000 за правното лице.
Со новите измени се предвидува судот да да не може да досуди поголема сума од 400 евра за новинар и 2000 евра за уредник, а медиумот не повеќе од 5.000 евра.
Ф.Ф.С.
https://fokus.mk/negativnoto-ischezna-no-sepak-ke-se-sudi-za-mislene/