Денеска во Кривичниот суд требаше да стартува повтореното судење за случајот „Ликвидација“, но поради отстуство на поротничка истото се одложи. Сепак одбраната реагираше дека за дел од обвинетите кривичните дела се застарени, поради што побараа обвинителството до наредното рочиште да го прочисти обвинителниот акт.
Адвокатот Филип Медарски, кој го застапува новинарот Томислав Кежаровски, вели дека и за Кежаровски кривичното дело е застарено. Доколку и обвинителствот се согласи со овој став, тогаш кривичниот прогон против новинарот ќе треба да запре.
-Очекувам правилност и правичност. На крајот се надевам дека ќе ја извојуваме победата, истакна Кежаровски по завршување на рочиштето.
Новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на 4,5 години казна затвор во случајот „Ликвидација“, а потоа Апелација му ја намали казната на две години.
Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски во текот на судењето тврдеше дека сведокот не само што не бил заштитен, туку бил и лажен сведок, кој сведочел по налог на тајната полиција.
Новинарот беше во притвор шест месеци во Шутка, а потоа му беше одреден и куќен притвор поради влошена здравствена состојба.
Покрај него, на обвинителната клупа седнаа уште седум лица, меѓу кои судии, јавен обвинител и адвокат. Обвинетите се товареа за примање поткуп, злоупотреба на службена должност, неовластено откривање на сведоци, недозволиво поседување оружје и друго.
В.В.